Со правилна распределба на вработените до поголем успех

објави

 

Правилно распореден вработен, на позиција соодветна на способностите и интересите, е клучот за ефикасна организација, задоволни и мотивирани работници и успешен бизнис.

 

 

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
Cе прашувате зошто некој ваш вработен изгледа незадоволно, нема ентузијазам при работењето, не е мотивиран да постигнува резултати и покрај тоа што е добро награден за својата работа и ужива други привилегии. Постои голема веројатност лицето да не е правилно распоредено во организациската структура или, пак, неговите интереси да не соодветствуваат со работната позиција.
 
Правилно распореден вработен, на позиција соодветна на способностите и интересите, е клучот за ефикасна организација, задоволни работници и успешен бизнис.
 
Организациската структура се однесува на начинот на кој компанијата ги распоредува луѓето и работните позиции со цел да се постигнат компаниските цели. Кога се работи за мала група на луѓе каде што е честа директната лице-в-лице комуникација, некоја формална структура и не е потребна, но во поголеми организации, каде што одговорностите мораат да се делегираат на повеќе луѓе, неопходно е доделување задачи и одговорности на различни функции.
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
Со дефинирана организациска структура полесно имаме увид во поделбата на работата, нивото на специјализација на работните активности, постојните врски и организациската хиерархија. Во теоријата постојат многу различни модели на организација, но некој универзален модел што ќе биде применлив и ефикасен за секоја компанија не постои, туку практиката покажува дека секоја организација располага со свои оригинални решенија. 
 
Како ќе бидат распоредени вработените многу зависи и од потенцијалите што ги поседуваат вработените, способностите, но и од личните карактеристики што ги поседуваат поединците во состав на тимот. Кога се формира некој тим мора да се внимава членовите на тимот да се комплементарни и да се надополнуваат. На пример, ако се работи за продажен тим, тука секогаш во преден план се проактивни, асертивни поединци, водени од желбата за постигнување цели и резултати, но секоја продажба подразбира и активности што се помалку интересни за ваквиот тип продавачи, како што се продажна аналитика и администрација. Без овие операции не можат да се постигнат долгорочни резултати. Поради тоа, во тимот треба да постојат поединци кои ќе бидат посветени и редовно ќе се ангажираат за одработување и на овој дел.
 
Исто така, кога компанијата вработува нови луѓе особено е важно новиот вработен да се вклопи во тимот и во компаниската култура. По извршената селекција на неколку кандидати за кои имате „добро чувство“ дека одговараат на барањата на позицијата, се наоѓате во дилема кој од нив како ќе се однесува во тимска работа, како ќе се однесува при извршување на реални задачи и како ќе ги прифати принципите по кои се раководи компанијата.

 

„Assessment center“

 
Со методот „Assessment center“ се проценува однесувањето на учесниците во реални ситуации и се прибираат информации за постоењето или непостоењето на одредени клучни способности. Овој метод може да се користи при:
 
  • селекција на кандидати,
  • проценка на потенцијали за понатамошно напредување на постојните вработени,
  • реорганизација на активностите на компанијата. Значајни предности на овој метод се:
  • Реалистичност – „Assessment centar“ е можност да ги набљудувате однесувањето и учинокот на учесниците во симулација на реални ситуации како извршуваат конкретни задачи согласно со потребите напозицијата.
  • Објективност – Во набљудувањето учествуваат експерти обучени за категоризација и интерпретација на однесувањето на учесниците паралелно со проценувачи од вашата компанија, што значајно придонесува за објективност во проценката.
  • Економичност – Евалуација на поголем број учесници во краток временски рок.
  • Компаративност – Споредување на кандидатите и нивното однесување.
  • Предиктивност – „Assessment centar“ е докажан метод за проценка на моменталниот и предвидување на идниот учинок на работното место.

 

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
Овој метод овозможува да донесете посигурни одлуки за вработување на нови соработници, за напредување и развој во кариерата на постојните вработени, како и за прераспределба на вработените во состав на компанијата.
 

„Outplacement“

 

Секако, постојат и ситуации во кои општ заклучок е дека некои вработени едноставно не се вклопуваат во структурата на компанијата, не можат на вистински начин да придонесат за работењето на компанијата и дека за обете страни најдобро решение би било прекинување на работниот однос. Во овие ситуации или во некои други, кога работодавачот поради различни причини е принуден да го прекине договорот за работа со свој вработен, работодавачот може да побара помош и поддршка од страна на агенција за човечки ресурси. Станува збор за „outplacement“ – метод што во последниве години сè повеќе го користат работодавачите во странство. Методот „outplacement“ обезбедува повеќекратна корист и за работодавачите и за вработените кои ја напуштаат компанијата.
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
Придобивки за вработениот:
 
  • Чувствува поддршка во дадената ситуација.
  • Добива добри насоки за пазарот на трудот.
  • Станува свесен за своите потенцијали (предности и слабости). 
  • Добива нови перспективи за иден професионален развој.
  • На побрз и посигурен начин наоѓа ново вработување. Придобивки за работодавачот:
  • Одржува општествена одговорност како работодавач.
  • Создава фер, транспарентна и позитивна клима при разделувањето.
  • Добива нови перспективи за понатамошен развој на останатите вработени.
  • Покажува знак на почит кон претходните вработени, како и кон постоечките и идните вработени.
  • Ја задржува стабилноста и мотиви раноста кај постоечките вработени.
 
Со овие методи се постигнува оптимизација на човечките ресурси и на процесите, а со цел ефикасна и продуктивна организација.

 

Овој текст е објавен во ноемврискиот број на магазинот InStore. Автор: Анета Дуданова